Охрид, 28. декември (ОХРИДПРЕС) – Празничната атмосфера на Градскиот плоштад, продолжи и вечерва со Новогодишниот концерт на младите музички таленти од ООМУ „Методи Патче“.
Настапот се одржа по прекрасното музичко уживање со безвременските композиции од најпознатите анимирани филмови на „Дизни“ што младите музички таленти го приредија во Дијамантската сала на хотелот „Инекс“. Учениците под менторство на своите професори повторно ги изведоа мелодиите од „Снежана“, „Заспаната убавица„, „Кралот Лав“, „Аладин“, „Фрозен“, „Пепелашка“ и други препознатливи екранизирани бајки.
Претходно денеска, со ликовите на популарната анимирана серија за деца „Светот на Биби“, на Градскиот плоштад во Охрид започна новогодишната празнична програма. Најмладите заедно со своите родители уживаа во препознатливите детски песнички и веселите разговори на Боби и Биби.
Утре на плоштадот ќе се одржи театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30-ти декември е детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“. На 31-ви декември на плоштадот ќе биде одржан музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“. Сите случувања што се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите започнуваат во 12:30 часот.
За забавниот дел на дочекот на новата година в недела на градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за 21:00 часот. На 1-ви јануари точно на пладне ќе настапат групата Balkan Jam и Драган Мијалкоски.
Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија, подготвен ги очекува домашните и странските гости кои ќе го посетат за Нова година. Украсен и традиционално преубав и годинава ги отвора вратите за сите вљубеници во него.
Угостителите веќе најавија солидна исполнетост, а се очекуваат гости пред се од соседните земји, но и бројни домашни посетители, кои ќе уживаат во преубавиот Охрид за време на новогодишните, но и за останатите празници кои традиционално траат се’ до големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид 1/ОхридПрес