Охрид, 4. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Една вреќа со градежен шут и една стара мрежа извадија денес од водите на Охридското Езеро нуркачите на клубот „Акватек“, кои периодов наназад се покажаа како вистински „чистачи“ на езерото.
– Имаме едно правило, кога ќе наидеме на најлонска ќеса ја земаме и собираме отпад во истата. Денеска со Филип најдовме две и ги наполнавме со отпад, една вреќа со градежен шут и една стара мрежа. Продолжуваме, велат од „Акватек“.
Неодамна тие го привлекоа вниманието на јавноста со скоро комплетниот „тоалет“ кој го извадија од езерото, деловите од правосмукалка и перална, вреќата со плочки и бојлерот.
Нуркачот Никола Паскали неодамна во интервју за емисијата Радио Корнер на Супер радио подвлече дека отпадот кој го сретнуваат под вода, ја покажува нашата ниска колективна свест во поглед на заштита на езерото.
Ваквите поразителни постапки уште еднаш го отсликаа нашиот заеднички, а во овој случај поединечен срам. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Нуркачки центар „Akvatek“