август 4, 2024

Скопје/Охрид, 4. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Системот за информации за пожари и управување со ресурсите (Fire Information for Resource Management System – FIRMS) редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време (NRT).

Екипата на OhridPress ја објавува најновата мапа на овој систем за пожарите во Република Македонија во моментов. Дел од нив, според истиот извор се во пошироката околина на Охрид.

Информациите се обезбедени преку системите за фотографирање (MODIS) на сателитите Aqua и Terra. На глобално ниво, овие податоци се достапни во рок од 3 часа по сателитското набљудување, но за САД и Канада, активните податоци се достапни во реално време.

NASA FIRMS користи сателитски набљудувања од системите MODIS и VIIRS за откривање активни пожари и термички аномалии ширум светот и ги доставува овие информации до носителите на одлуки. FIRMS првично беше развиен од Универзитетот во Мериленд.

Пожар во Македонија, се шири кон две села - 24info.mk

Според официјалните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на вчерашниот ден, сабота, 3-ти август 2024 година, регистрирани се вкупно 42 пожари на отворен простор, од кои во моментов се активни 5, четири се под контрола и 33 се изгаснати.

– Во регионот на Охрид, активен е пожарот на потегот кај Илинска Планина и селото Базерник, како и на четири точки на потегот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. Во Струга се изгаснати пожари на четири точки и тоа кај селата Татеши, Велешта, Калишта и Заграчани, потенцираат од ЦУК.

На помош денеска дејствуваат и два хеликоптери на МВР и АРМ, како и три авиони за гасење пожар. Во текот на вчерашниот ден беше направен земјен појас над селата што ќе спречи ширење на огнот кон населените места.

Екипата на OhridPress утрово ги сними леталата како постојано полнат вода од Охридското Езеро и ги гасат потешко пристапните предели.

Вчера беше вклучена и тешка механизација чија задача беше да направат појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот.

– Поголемиот дел од теренот е веќе обезбеден, а останува уште помал дел каде се работи во моментов и се прават засеци директно низ огнот. Екипите ќе работат на терен се’ додека не се обезбедат сите локации, информираше вчера градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука