јуни 21, 2023

Струга, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Рамиз Мерко, кого САД го стави на црната листа на непожелни личности, во 2005 година за првпат стана градоначалник на Струга. Потоа доби уште еден мандат во 2009 година, кој му заврши во 2014 година.

Пред крајот на вториот мандат, во 2013 година, против него беше подигнато обвинение затоа што дозволил изградба на дивоградба, но обвинението беше повлечено во 2016 година, со оцена дека не било извршено кривично дело, јави ПлусИнфо.

Во периодот кога не беше градоначалник, Рамиз Мерко стана пратеник од редовите на ДУИ и од 2014 до 2016 година беше дел од парламентарното мнозинство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ. По смената на власта и доаѓањето на власт на СДСМ, тој стана министер без ресор, задолжен за странски инвестиции. Во октомври 2017 година Мерко повторно беше кандидиран за градоначалник на Струга. На локалните избори тогаш го победи Зијадин Села и од тогаш го започна третиот градоначалнички мандат. Во биографијата објавена на општинската интернет-страница се наведува дека д-р Рамиз Мерко, до 2003 година работел како референт во Агенцијата за земјоделство, а бил и директор на семејна земјоделска аптека.

Тој сега нема бизниси на свое име, но неговиот син Генц е ко-сопственик на Еуро колеџ Струга, фирма во чија сопственост е Меѓународниот универзитет во Струга. Просветните инспектори пред неколку години тврдеа дека таа установа работи како „пералница за дипломи“ и дека студенти учеле без нострифицирани документи, а дека имало и професори што предаваат без дипломи, меѓу нив и самиот градоначалник. Обидот на инспекторите да извршат увид заврши со нивно протерување од објектот, за што никогаш не беше покрената постапка.

Во 2019 година, Антикорупциската комисија покрена постапка за кривично гонење против градоначалникот Мерко поради злоупотреба на положбата при купувањето четири автомобили вредни вкупно 114.000 евра, и тоа во време кога општината има долг од четири милиони евра.

– Каков градоначалник сум јас, со „Фиќо“ ли да одам на состаноци? Не личи градоначалник со скинати алишта и со слаба кола, изјави тогаш Мерко.

Истата година, Мерко преку  отворено писмо до Владата и тогашниот премиер Зоран Заев порача дека со намера да се спроведуваат законите, сите надлежности на Општина Струга од делот на урбанистичко планирање, градежни дозволи и издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО, и’ се предаваат на Владата. Тој потенцираше дека претходно добил вербална закана по животот, а во писмото меѓу другото пишува дека имајќи ги предвид последните случувања и долгорочната кампања која се води пpoтив градот Струга и него, тој смета дека има само една цел, а тоа е покривање на дивогpaдбите во градот Охрид и опacноста која доаѓа со одземањето на статусот на УНЕСКО. Истиот ден, СВР Охрид сподели официјална информација дека ден претходно, лице од Велешта упатило повеќе закани кон неколку вработени во Општина Струга. Подоцна не беше официјално потврдено дека овие два настани се поврзани, но симптоматично беше времето кога се случи настанот и писмото кое го испрати струшкиот градоначалник. На 19-ти јуни 2020 година, Владата на Република Македонија ги прифати барањата на Антикорупциска да ги преземе сите активности за одземање на надлежностите за уривање на бесправно изградените објекти во сите општини во регионот кои се под заштита на УНЕСКО.

Во 2019 година, кога УНЕСКО инсистираше да се урнат дивоградбите во струшкиот крајбрежен појас за да се зачува статусот на Охридско Езеро, Мерко упорно тврдеше дека во Струга нема дивоградби.

На 2-ри јуни 2021 година, Државниот завод за ревизија ги објави заклучоците со кои стана јасно дека девет години во Струга не е урната ниту една дивоградба, а објекти се легализирале и без комплетна документација.

– Од 2011 година до 2020 година, актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, но и екс-градоначалникот Зијадин Села, не допреле ниту една дивоградба во градот, се само дел од заклучоците во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Антикорупционерите во 2021 година побараа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко да одговара кривично поради финансиски малверзации потврдени во нивната истрага, но и од државните ревизори. Кривична одговорност беше побарана и од претседателот на Кривичниот суд во Струга кој лично дозволил буџетот на Општината да изнесува 50 милиони денари, иако таа беше една од најзадолжените. Сомнителни јавни набавки, нерационални трошење и секако набавката на луксузното „Ауди А6“ од 70 илјади евра за службено возило. Антикорупциска поднесе иницијатива која од скопското преку струшкото обвинителство заврши во Обвинителството за организиран криминал каде се води уште една предистрага за нелегална продажба на објекти.

Мерко низ годините даваше и други скандалозни изјави. Изјавуваше дека пукањето со пиштоли на свадбените веселби е „нормална работа“ и се залагаше јавно да се убијат сите бездомни кучиња во градот, а потоа навистина беа забележани луѓе кои ги убиваат кучињата, а екипи на градското комунално претпријатие ги собират труповите.

Неодамна претставници на Бернската, Рамсарската и УНЕСКО конвенциите во нашата држава остварија посета на Општина Струга во врска со дивоградбите кои се посочија како најголем проблем. Експертот на мисијата на Бернската конвенција, Андреј Совинц беше дециден дека она што се случува со нелегалните градби е апсолутно недозволиво, особено за ова подрачје што има толкава глобална вредност. За вакви подрачја не е потребно да се ставаат само важни напомени на хартија, туку конечно да дојде до управување на терен.

Од архивата на OhridPress за струшките дивоградби:

Додека во Охрид во 2021 година се уриваа објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваа за летната туристичка сезона.

– Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети, а ние како локална самоуправа им стоиме на располагање. Ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата, туку од целиот свет, изјави тогаш Рамиз Мерко, кој ја пополнува функцијата градоначалник на соседна Струга.

Една година подоцна, во 2022-та, во период додека Општина Охрид го чека Планот за управување со Охридсколто крајбрежје од Агенцијата за просторно планирање и остана без уредени плажи, Мерко најави дека, покрај постоечките, Струга ќе добие и нови, уредени и современи плажи, затоа што, како што изјави тогаш, „туризмот нема да трпи“, и дека мора да има плажи за туристите.

– Струшките плажи ќе бидат со шанкови, лежалки, чадори и урбана опрема. Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда, изјави Мерко минатата година.

Тој додаде дека смета дека објектите на плажите не се дивоградби и дека имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица го наплатува општината.

– Сите се легални. Додека се договараме со централната власт како понатаму со плажите, ние мораме да ги искористиме и со нив да надополнуваме и дел од буџетот на Општина Струга, истакна тогаш Мерко.

Во интервју за албанската редакција на „Гласот на Америка“, координаторот на антикорупција во Стејт департментот на САД, Ричард Нефју изјави дека не можеле да споделат повеќе детали за тоа зошто струшкиот градоначалник вчера завршил на црната американска листа.

Како што повеќе пати сме истакнале, најголемиот проблем на владеењето на ДУИ е корупцијата. Тоа вчера го потврди и нашиот стратешки партнер. После Холандија, и САД му стави печат на ДУИ како партија со корумпирани кадри кои влијаат врз правосудството. Ова е невиден скандал досега во нашата политичка сцена, порачаа на денешната прес конференција од партијата Алтернатива.

– Сепак ова за нас не е ниту новост ново изненадување. Рамиз Мерко е само една нишка во големата пајажина на корупцијата што ДУИ ја создаваше изминативе 20 години. Секако, зачудува фактот што МВР и Јавното обвинителство уште молчат. Толку ли им вреди власта на тие луѓе, што треба да се потчинат на уцените на двојката Ахмети-Груби? Забраната за влез во САД за високиот функционер на ДУИ од Струга, моментално градоначалник на општина Струга, токму поради корупција и влијание во правосудството, за нас е уште еден доказ зошто треба да инсистираме да се прифати нашиот предлог-амандман за уставно санкционирањев на предметите поврзани со корупција, така што тие никогаш ќе можат да застарат, потенцираат од партијата.

Општина Струга денеска го откажа и свеченото одбележување на Денот на Охридското Езеро, настан кој 23 години во континуитет се одржува наизменично во Охрид, Струга и Поградец.

Од кабинетот на градоначалникот Рамиз Мерко за порталот сдк.мк истакнале дека чествувањето на денот на Охридското Езеро е откажано, бидејќи тој имал неодложни обврски, а дополнително ќе се произнеселе за одлуката на САД со која тој се најде на црната листа како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Обвинувањата се дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.

Заедно со Рамиз Мерко на црната листа на личности на кои им се забранува влез во САД се ставени и синот на Мерко, двете ќерки и неговата сопруга. (Крај)

извор: ПлусИнфо/ОхридПрес фото: Тв Телма

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука