ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Струга ТОП ВЕСТИ

Напорен ден пред претставниците на Бернската, Рамсарската и УНЕСКО конвенциите, одат во Струга каде градоначалникот Мерко тврди дека нема дивоградби, ќе слушаат ли и тие изведба на „Т’га за југ“?

Охрид, 27. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – По вчерашната средба со градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, денеска напорен ден пред претставниците на Бернската, Рамсарската и УНЕСКО конвенциите во нашата држава.

Тие денеска имаат закажано посета на Општина Струга, каде нели нема дивоградби, барем според изјавите на градоначалникот Рамиз Мерко. Според најавите од вчера, на средбата со градоначалникот ќе бидат апострофирани дивите градби како најголем проблем.

Дали првиот човек на Струга ќе успее да ги објасни објектите кои реално постојат и работат или и нив ќе ги „шармира“ со некоја нова изведба на „Т’га за југ“, останува да видиме.

Експертот на мисијата на Бернската конвенција, Андреј Совинц, е дециден дека она што се случува со нелегалните градби е апсолутно недозволиво, особено за ова подрачје што има толкава глобална вредност. За вакви подрачја не е потребно да се ставаат само важни напомени на хартија, туку конечно да дојде до управување на терен.

Од архивата на OhridPress за струшките дивоградби:

Додека во Охрид во 2021 година се уриваа објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваа за летната туристичка сезона.

– Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети, а ние како локална самоуправа им стоиме на располагање. Ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата, туку од целиот свет, изјави тогаш Рамиз Мерко, кој ја пополнува функцијата градоначалник на соседна Струга.

Една година подоцна, во 2022-та, во период додека Општина Охрид го чека Планот за управување со Охридсколто крајбрежје од Агенцијата за просторно планирање и остана без уредени плажи, Мерко најави дека, покрај постоечките, Струга ќе добие и нови, уредени и современи плажи, затоа што, како што изјави тогаш, „туризмот нема да трпи“, и дека мора да има плажи за туристите.

– Струшките плажи ќе бидат со шанкови, лежалки, чадори и урбана опрема. Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда, изјави Мерко минатата година.

Тој додаде дека смета дека објектите на плажите не се дивоградби и дека имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица го наплатува општината.

– Сите се легални. Додека се договараме со централната власт како понатаму со плажите, ние мораме да ги искористиме и со нив да надополнуваме и дел од буџетот на Општина Струга, истакна тогаш Мерко. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука