Забава Избор

„Снегулка“, нова новогодишна детска песна за охриѓанецот Александар Петрески (Видео)

Охрид, 21. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Живее и работи во Германија, името му е Александар Петрески, тој е млад музичар кој потекнува од Охрид и веќе подолг период наназад твори и снима одлична музика, која е се’ повеќе препознаена од слушателите ширум светот.

Неговиот најнов сингл е новогодишната детска песна „Снегулка“.

– Кога бев дете, имав преголема желба за снег во зима. Посебно пред Нова Година. Се молев секогаш кога врнеше снегот да се задржи. Во моето рано детство тоа беше почеста појава. Никогаш нема да ги заборавам оние моменти, кога со другарите од училиште си одевме дома низ охридското кале. Посебно мила ми беше рутата низ чаршија навечер. Неколкуте тезги со новогодишни украси, отсликуваа волшебна бајка во невините детски очи. Се’ уште во уши ми ѕвонат звуците од честитките… Сето тоа, за кое можам уште многу да зборувам, накратко го опишав во оваа новогодишна детска песна. Испеана е од возрасни вокали, како хибрид, кој би овозможил уживање и на децата и на возрасните. Иако идејата брзо ја реализирав, напорно на останатите финеси работев три месеци и по безброј изведби на кауч е веќе хит во мојот дом, вели Александар.

Музиката, текстот, аранжманот, продукцијата и мастерингот се дело на самиот Александар, кој испраќа бескрајна благодарност до: девојката со ангелски глас – Марија Цветановска, Оливер Петокски за преубавите пејзажи низ Германија и декоративните кадри и до Климент Сиимоноски кој стои зад охридската приказна и видео продукцијата.

– Мојата желба и моето мото се „making history“. Посакувам што поголемо слушање и ширење позитивна и новогодишна енергија. Ви посакувам среќна Нова Година и весели празници, порачува Александар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука