Забава Избор Свет

Ноќните клубови ширум Туркије организираат собирање помош за жртвите од земјотресот

Истанбул, 9. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Серија разорни земјотреси ја погодија турско-сириската граница во понеделникот, при што загинаа најмалку 11.000 лица, а 80.000 беа повредени.

Додека луѓето остануваат заробени во урнатините и принудени да ги напуштат своите домови – ефектите од катастрофата сè уште не се целосно познати. Ноќните клубови и салите за настани во Турција беа меѓу првите кои брзо презедоа акција за да им помогнат на погодените од двата разорни земјотреси во регионот.

Истанбулските клубови „Klein Phönix“, „Klein Harbiye“, „RX Istanbul“ и „MiniMuzikhol“, потоа „Kite“ лоциран во турската престолнина Анкара и клубот од Измир „DatDat“ започнаа кампањи за собирање основни потреби за луѓето во 10-те погодени провинции. Донациите обезбедени од посетителите на клубовите се испраќаат до жртвите. Исто така, Центарот за изведувачки уметности „Zorlu“, кој стои зад фестивалот „Sónar Istanbul“ од првото издание, исто така испрати свои тимови за пребарување и спасување во најпотребните области.

Според турската владина институција, Претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), основните предмети што им се потребни на жртвите вклучуваат греалки, ќебиња, перници, постелнина, пакети со храна, сува храна, хигиенски пакети, чиста облека, чиста бебешка облека, храна за бебиња, вреќи за спиење, полначи, шалови, капи и ракавици. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука