Забава Избор

Александар Петрески: Песната „Calmness Part III“ е снимена со љубов за мојот и Ваш Охрид и езерото. чувајте го, сакајте го! (Видео)

Охрид, 28. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пред две години, уживајќи во премирните утра на Охридското Езеро, се роди идеја да компонирам инструментална музика, со видео компилации од Охрид и езерото. Бев инспириран од мирнотијата на Охридското Езеро, посебно рано наутро. Од таа причина ја нареков „Calmness“, вели Александар Петрески, млад музичар со потекло од Охрид, кој живее и работи во Германија.

Тој веќе подолг период наназад твори и снима одлична музика, која е се’ повеќе препознаена од слушателите ширум светот.

Неговиот најнов сингл се вика „Calmness Part III“, преку кој Александар вели дека станува збор за негова нова инструментална композиција, која е втор дел од неговата композиција „Calmness“ од минатата година.

– Денес, две години подоцна, би рекол дека „Calmness“  се инструментални делови од една колекција, која еден ден ќе ја издадам во форма на албум… Во оваа прилика чест ми е да Ви ја претставам третата по ред композиција наречена „Calmness Part III“’. Ја направив во многу сличен стил како претходните две, во 3/4 ритам, со бавна мелодија, замислувајќи го звукот на малите утрински бранчиња во игра со галебите… Чувството на остварен проект е прекрасно, а сега останува само да се подготвам за следниот, најголем и најзначаен проект за оваа година. Останете во тек. Со љубов за мојот и Ваш Охрид и езерото. Чувајте го, сакајте го, вели Александар.

Повеќе за неговата музика на неговиот канал на YouTube. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Александар Петрески

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука