Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Балканскиот рис вметнат во Бонската конвенција, Македонија и Албанија со здружени сили ќе го штитат неговиот опстанок

Самарканд, 16. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Евроазискиот рис и неговиот загрозен подвид, балканскиот рис, се најдоа на списокот на преселни видови, ова е одлучено на Конференцијата на Бонската конвенција во Узбекистан.

– Ова се одлични вести за сите заштитари од Европа и Азија, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Тој во Самарканд го образложи поднесокот за вметнување на балканскиот рис во Бонската конвенција.

– Што се однесува до балканскиот рис, со поддршката на владите на Македонија и Албанија сега може да преземеме понатамошни важни чекори за заштита на загрозената популација, додаде Меловски.

Предлогот балканскиот рис да биде ставен на Прилог 1 од Бонската конвенција го даде македонската Влада со поддршка на албанската. Ова е особено важно, бидејќи, со овој чин, властите недвосмислено се заложуваат да ја заштитат оваа ретка мачка. Преостанати се помалку од 50 возрасни единки од балканскиот рис. Распространувањето му е расцепкано низ Македонија, Албанија и Косово.

Со вклучувањето на балканскиот рис на Бонската конвенција, владите од земјите се заложуваат да создадат најдобри можни услови за зачувување на балканскиот рис. Со ова ќе се овозможат прекугранични заштитарски активности, како што е мониторинг на балканскиот рис.

– Со оваа одлука властите во Македонија и Албанија прават јасна заложба за заштита на балканскиот рис. Будно ќе следиме дали се спроведува ветеното, вели Лиса Лешински, проектен раководител во партнерската организација Еуронатур.

Заштитниот знак на планината Галичица, балканскиот рис, после педесетина години пауза, за прв пат беше забележан во НП „Галичица“ во октомври 2020 година. Последно беше сликан на фотозамка во април минатата година, што според тогашните податоци беше осмо забележување на рисот на територија на националниот парк во последните три години.

Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) претставува подвид на евроазискиот рис (Lynx lynx). Нешто помалку од 50 возрасни единки талкаат низ планинските шуми на Јужен Балкан. Балканскиот рис се соочува со недостиг на поволни и поврзани живеалишта поради прекумерната експлоатација на шумите. Ова резултира и со намалена достапност на пленот. Дополнителна отежнителна околност е криволовот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука