Забава Избор

Групата „Меморија“ со новата песна „За добро да е“ го најавува големиот концерт на 16-ти ноември во Скопје

Охрид, 30. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со новиот сингл „За добро да е“, членовите на култната македонска поп-рок група „Меморија“ го најавуваат големиот солистички концерт закажан за 16-ти ноември 2024 година во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

– Огнот кој се’ уште силно гори. Концерт по повод „Меморија – 40 години постоење“. Како со временска машина настапот на Меморија ќе ве врати во едни поубави и безгрижни времиња. Концертот кој ќе се одржи на 16-ти ноември 2024 година во Арената „Борис Трајковски“, ветува убава енергија, уникатна сценографија проследена со врвна сценска техника. Вратите ги отвораме во 19:30 часот. Очекувајте многу изненадувања, гости од македонската естрада и неповторлива забава со македонски хитови за сите генерации. Се гледаме, порачаа од групата.

Групата „Меморија“ е составена од членовите Ристо Самарџиев и Апостол Икономов кои се задолжени за вокалите, Рубин Димкоски на гитара, Давор Јордановски – клавијатури, Сашо Ангелов – тапани и Петар Георгиевски Камиказа на бас гитара. Музиката за „За добро да е“ е дело на Рубин Димкоски, а текстот е на Дуле Темелкоски. Снимена е во студиото „Тра ла ла“, а продуценти се Мите Димовски и Давор Јордановски со Петар Георгиевски – Камиказа како Извршен продуцент.

Од „Меморија“ неодамна најавија и нов албум кој треба да излезе пред Нова година, а на кој ќе се најде рок баладата „За тебе“ и новата обработка во која се испреплетуваат рефрени на четири познати македонски народни песни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука