Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Млади поети од Охрид дел од поетската манифестација „Детски гласови 2024“, Стефанија Бакулевска од Пештани го освои 3. место

Ресен/Охрид, 30. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 28-ми септември 2024 година се одржа петтата по ред детска поетска манифестација „Детски гласови 2024“, настан кој беше дел од програмата на „Преспански Јаболкобер 2024“.

Повторно на едно место се собраа гости од многу градови на нашата држава: Скопје, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, Кичево, Македонска Каменица, Пехчево, Гевгелија и секако домаќините од Ресен и Преспа.

– На почетокот, традиционално со почит кон некогаш првите училишта- манастирите, дел од учесниците заедно со своите ментори и родители го посетија манастирот Успение на Пресвета Богородица во селото Јанковец и гостите беа топло пречекани од Игумен Спиридон. Таму ја направија штафетата „Цвеќе на мирот“ од почитуваниот сликар и хуманист Живко Поповски Цветин. Децата предавајќи ја штафетата се претставуваа и кажуваа пораки за мир. Сите деца со пораки за здравје, среќа, добрина, љубов, посакаа да нема војни во светот и да царува мирот. Во симболика на испраќање гулаби, тие испуштија во небото шарени балони. Живко Поповски Цветин ги прогласи сите учесници на манифестацијата Детски гласови за „Млади амбасадори на мирот-2024 година“ за посебен придонес во мисијата „Цвеќе на мирот“, а во негово име Валентина Ѓоргиевска Парго од Цветиновиот комитет за мир на претседателката на здружението- организатор „ЖАР Преспа“ од Ресен, м-р Даринка Веслиевска ѝ врачи „Цветинова награда за мир“. Потоа, во ресторанот „Манастир“ во Јанковец, во непосредна близина на манастирот со роденденска торта децата го прославија петтиот роденден на здружението. Во спортската сала “Зоран Стојановски” во Ресен се одржа манифестацијата и се направи промоција на збирката со детска поезија „Детски гласови 2024“, информираат организаторите.

Настанот го отвори организаторот и уредник на збирката м-р Даринка Веслиевска, со пофални зборови за творбите на учесниците ги поздравија рецезентката, новинарка и уредничка Валентина Ѓоргиевска Парго, лекторот на збирката, професор по македонски јазик Влатко Стојковски, и секако и проф. д-р Елизабета Бандиловска, и поетите Рамадан Далиповски и Сотир Чаушевски како членови на стручното жири.

Збирката има 77 автори деца од 8-18 години, а на настанот промоција на своите творби направија околу 50 учесници. Настанот беше збогатен со музичките точки на младите ресенчани прво Наум Бумбаровски, а потоа и Даниел Мехмед кој ја промовираше својата прва песна „Не е злато се што сјае“ и танцовите точки на Ема Кадинска и Стефанија Веслиевска претставнички на ТСК „Спортакус“ од Битола. Водители на настанот беа Ирина Секуловска и Борјан Веслиевски.

Откако присутните учесници ги прочитаа своите творби, организаторката додели десет медали за лојалност на учесниците кои имаат петгодишно учество во речиси сите активности на здружението.

– Во категоријата автори од 8-13 години според резултатите на стручното жири наградени учесници се: прво место, Матеј Велков 13 години од селото Ерџелија кај Свети Николе со песната „Мојата татковина“, под менторство на Катерина Алексова Наумова; Второ место: Розе Апостоловска, 13 години од селото Покрвеник кај Ресен со песната „Само една среќа“, под менторство на Дивна Поповска; Трето место: Стефанија Бакулевска, 13 години од селото Пештани, Охрид со песната „Срцето ми е таму горе”, под менторство на Емилија Митреска. Во категоријата автори од 14-18 години, според резултатите на стручното жири наградени се учесниците: Прво место: Габриела Нешковска 17 години од селото Ропотово со песната „Сега знам“, ментор: Соња Мирческа; Второ место: Софија Трнковска, 16 години од селото Дабиље кај Струмица со песната „Љубов за цел свет“, ментор: Васко Василев и трето место за Теодора Тасеска, 15 години од Прилеп со песната „Природен пејзаж“, под ментоство на Марија Кузеска, информираат организаторите.

Додаваат дека се пофалени песните на: Андреј Богојевски 8 години од Прилеп Ментор: Елизабета Марковска со песната „Дете“; Исидора Јовановска 8 години од Македонска Каменица, ментори: М-р Роза Николова и Ленче Спасевска со песната „Дедовото село“; Омер Чапкун 8 години од Ресен, ментор: Ѓултен Максуд со песната „Мојот сон“; Снежана Чавдарова, 9 години од Гевгелија, ментор: Наташа Смилкова со песната „Што сака секое дете?“; Љубица Андонова, 10 години од Битола, ментор: Летка Степановска со песната „Книгата, мој најдобар другар“; Костантина Андонова, 10 години од Битола, ментор: Летка Степановска со песната „Спомени под ѕвездите“; Наталија Кочовска, 15 години од селото Сопотница, ментор: Влатко Стојковски со песната „Кога ќе останеш сам“; Мила Ќосева, 10 години од Неготино, ментор: Сузана Малчева со песната „Моите сонови“; Лука Апостолов, 13 години од селото Ерџелија, Св. Николе, ментор: Катерина Алексова Наумова со песната „Патеки на соништата“ и Вилијам Пешкирски, 8 години од Македонска Каменица, ментори: м-р Роза Николова и Ленче Спасевска со песната „Екологија“.

– Гран При награда за најубаво изрецитирана поетска творба доби Сара Стојческа 8 години од Прилеп со песната „Лето“, под менторство на Весна Арсиќ. Сите учесници добија примерок од збирката и благодарница за учество. Првите три места покрај збирката си добија пехари и пофалници, информираат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Наум Димовски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука