Избор Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Одговорните ги интензивираат контролите за спречување на рибокрадството

Охрид, 24. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во насока на спречување на рибокрадството, интензивирани се контролите што, координирано ги преземаат СВР Охрид, граничната-езерска полиција, регионален центар Запад и Државниот инспекторат за земјоделие, информираат од Секторот за внатрешни работи Охрид.

– Целта е откривање на сторители на вакви казнени дела и заштита на рибниот фонд во водите на Охридското Езеро. Од почетокот на оваа година, на охридско-струшкото крајбрежје, реализирани се околу 80 акциски контроли во кои, затекнати се повеќе лица при вршење незаконит риболов од кои три се приведени, пронајдени и одземени се околу 300 парчиња разновидна риба со вкупна тежина од над 122 килограми. Притоа, одземени се околу 220 рибарски мрежи во вкупна должина од околу 23.000 метри, неколку метални чамци како и друга разновидна рибарска опрема. Рибниот улов заедно со мрежите се предадени во Јавната научна установа „Хидробиолошки Завод“ Охрид. Мерките против незаконитиот риболов и понатаму ќе се спроведуваат, додаваат од СВР Охрид. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука