Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворена недела во Историскиот архив во Охрид

Охрид, 29. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – По повод 1-ви април, денот на македонските архиви и архивисти, Државниот архив во текот на оваа недела ги отвори вратите за граѓаните.

Отворена недела има и во Историскиот архив во Охрид. Посетителите ќе може да ги видат најновите изданија на Државниот архив што обработуваат теми од областа на историјата и архивистиката и изложбите посветени на значајни историски датуми, настани и личности со повеќе оригинални документи и фотографии.

Директорот на охридскиот архив Никола Митровиќ вели дека покрај тоа граѓаните ќе се запознаат и со организираноста и начинот на работа на установата како научно-културна институција со особено значење за нашата историја и како еден од главните столбови врз кои се потпира нашиот идентитет.

Посетителите ќе добијат и подарок од Државниот архив – Каталог од изложбата ,,150 години од раѓањето на Гоце Делчев 1872-2022” и примерок од најновиот број на нашето списание ,,Македонски архивист”.

Историскиот Архив во Охрид постои од 1-ви април 1951 година. Периодов наназад институцијата особено заживеа, со реализација на бројни проекти. Преземена е архива од значајни личности и настани кои оставиле и оставаат печат во развојот и афирмацијата на Охрид, но и на градовите што ги покрива архивот. Преземена е архивата на Александар Леко Радиќ, мајсторот Наум Малезанов, Гоце Џуклески, професорот Павле Митрески, познатиот кичевски општественик Љубо Стефанов Богески, Струшките вечери на поезијата, Видое Видически, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид… Оваа пракса ќе продолжи и во иднина со цел да сведочи за идните поколенија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука