Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Четириесет и две години од смртта на Јосип Броз Тито

Белград, 4. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден пред 42 години почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) Јосип Броз Тито.

Тој беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година. Беше долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините вооружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година. Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на некој од двата доминантни во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.

Повеќе од четири децении по смртта на Тито, се’ уште има спротивни мислења за неговата улога и дело. За едни тој е симбол на социјална правда, подобар и посигурен живот, голем надворешно-политички углед, а за други диктатор со огромна политичка моќ кој се пресметувал со политичките неистомисленици.

Јосип Броз Тито почина на 4. мај 1980 година во Клиничкиот центар во Љубљана. Погребан е на Дедиње во Белград во Куќата на цвеќето. Неговиот гроб на кој нема верски ниту комунистички симболи досега го посетиле над 20 милиони луѓе.

Во Охрид е активно Здружението „Титоисти“, кое го чува споменот на ликот и делото на поранешниот претседател на СФРЈ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука