Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Со изложба и проекција на циклус филмови, започнува „Неделата на шпански филм“ во Охрид

Охрид, 20. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Како резултат на културната соработка помеѓу Општина Охрид и Амбасадата на Шпанија во Република Македонија, во Охрид ќе се одржи изложба и проекција на циклус шпански филмови.

Изложбата „Пикасо можеби јас“ од македонскиот уметник Филип Фидановски ќе биде отворена денеска, вторник, 20-ти декември 2022 година, со почеток во 18:00 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“. Изложбата се организира по повод 140 годишнината од раѓањето на познатиот светски уметник Пабло Пикасо, а ќе присуствуваат и градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков и Амбасадорот на Шпанија во Република Македонија, Хосе Луис Лозано Гарсија.

Со почеток во 19:00 часот, во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, вечерва ќе започне „Недела на шпански филм“ која ќе трае до четврток, 22-ри декември 2022 година. Ќе бидат прикажани три филмови од шпанска продукција, филмот „Шампиони“ од режисерот Хавиер Фезер во вторник на 20-ти декември, филмот „Тајната во нивните очи“ од режисерот Хуан Хозе Кампанела во среда и „Лесно е да се живее со очи затворени“ од режисерот Давид Труеба во четврток, на 22-ри декември 2022 година.

Проекциите ќе започуваат во 19:00 часот, а влезот за сите посетители е бесплатен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука