Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Света маченичка Татијана

Охрид, 25. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска го одбележуваат Денот посветен на Света маченичка Татијана.

Била римјанка и потекнувала од угледно  семејство и родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата.
По смртта на царот Хелиогабал во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата; заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуи на Аполон, на Авраам и на Орфеј. Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Ја доведоа и девицата Татијана кај царот и ја принудија да се поклони на идолските статуи, таа одби и по нејзините молитви статуите паднале и се искршиле на многу парчиња.

Кога ја изведоа девицата Татијана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели. Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени.

Света Татијана продолжија да ја мачат: ја биеја, ѝ отсекуваа месо, ја стружеа со железо и целата накажана и ранета ја фрлија вечерта во затворот за утредента повторно да ја удрат на маки. Но Бог ги испрати Своите ангели во затворот за да ја охрабрат и да ѝ ги исцелат раните, па Татијана изутрина се јави пред мачителите наполно здрава. Ја фрлија пред лав, но лавот се умилкуваше околу неа и воопшто не ѝ наштети. Ѝ ја отсекоа косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум дека во косата ѝ е скриена некоја магија или волшебна сила. Најпосле ја изведоа заедно со татко ѝ и обајцата ги убија со меч.

Така во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а дух мажествен. (Крај)

извор: Slovo Božjo фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука