Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворен ден за програмата „Полетарче“ на Црвен крст Охрид

Охрид, 4. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Црвен крст Охрид во тек се уписите за пролетниот циклус на програмата „Полетарче“ за деца на возраст од 3-5 години.

Денеска во просториите на организацијата во периодот од 13:00 до 15:00 часот ќе се одржи отворен ден, каде ќе можат да се добијат детални информации за оваа програма.

Преку игра, забава и дружење ќе ја развиваат и јакнат самодовербата, ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училишните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго.

– Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно. Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот и др. Пролетниот циклус од програмата трае 3 месеци со изведување на вкупно 12 часови, по еден час седмично, во траење од 45 минути, информираат од охридскиот Црвен крст.

Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават на телефоните 046/261-909 или 072/246-175, на е-маил: ohrid@redcross.org.mk, или во просториите на Црвен крст Охрид, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука