Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Продолжуваат чествувањата: Охрид го слави ликот и делото на својот најпознат поет и преродбеник

Охрид, 6. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат активностите со кои се одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев, а истовремено се чествува ликот и делото на најпознатиот охридски поет и преродбеник.

Денеска ќе се положи свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев и панихида на неговиот гроб во непосредна близина на црквата Света Богородица – Перивлепта. Предвидено е празнувањата во чест на големиот охридски поет да продолжат со доделување награди од конкурсот за основците од училиштето што го носи неговото име, како и традиционалната средба насловена „Прличева визита“ во родната куќа на Прличев.

По повод годишнината од упокојувањето на охридскиот преродбеник ќе се одржи и „Беседа за Прличев“ во неговата куќа, со обраќање на д-р Александра Ѓуркова и д-р Кристина Николовска, претседателката на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија. Притоа ќе бидат прогласени и најдобрата беседа за 2023 година на тема „Прличев и ние“, а ќе биде промовиран и аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Вчера беше отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“, по што се одржа централната свеченост посветена на годинешнот лауреат на наградата за најдобра поема што го носи прличевото име. На свеченоста посветена на најдобриот поет за 2022 година се читаше награданата поема „Коњски житија“ на лауреатот Зоран Анчески.

Манифестациите по повод јубилејот ќе бидат заокружени со традиционалната свечена приредба на основното училиште во Охрид што го носи името на патронот Григор Прличев.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е во организација на Општина Охрид, НУ Центар за култура „Григор Прличев“, НУБ „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“ и Друштвото на писатели на Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука