Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот Мисајловски во Охрид на средба со семејствата на загинатите бранители

Охрид, 21. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ги посети и присуствуваше на заеднички ручек со семејствата на загинатите бранители и претставниците на Здружението „Херои на Македонија“, кои во овој период престојуваат во одморалиштето „Св. Стефан“ во Охрид во организација на Министерство за одбрана.

На средбата се разговараше за прашања кои се од особена важност за семејствата за загинатите бранители, при што од страна на министерот Мисајловски беше искажано уверување дека Министерството за одбрана ќе продолжи да дава помош и поддршка за семејствата на загинатите бранители и достојно ќе го чува и негува споменот на македонските херои.

– На секој еден бранител потребно е да му се помогне, а посебно на семејствата на бранителите кои ги положија своите животи за Македонија. Лично ќе се залагам во наредниот период уште повеќе да помогнеме. Тие се вистински херои, заслужуваат најголема почит и никогаш не смееме да ги заборавиме, затоа што се одзвале на повикот на татковината, за заштита на сите нас, потенцира министерот Мисајловски и додаде дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија“ ќе се направи се што е потребно за семејствата на бранителите согласно законските можности во однос на нивните барања и потреби.

Од страна на претставниците на Здружението беше искажана благодарност за средбата и за заложбата за решавање на предизвиците со кои се соочуваат семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука