Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Во рамки на Црвен крст Охрид започна со работа психо-социјалното советувалиште „Збор по збор“

Охрид, 28. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Современото живеење наметнува динамично темпо, исполнето со обврски и рокови кои бараат целосен ангажман од лицето на секое поле: лично, семејно и професионално, па често доаѓа до конфликти (внатрешни и надворешни) во неможноста подеднакво да се одговори на барањата.

Од друга страна, во услови на низок економски, образовен, културен и социјален статус се наметнуваат потешкотии кои произлегуваат од неможноста за задоволување на основните лични потреби и потребите на семејството и стремежот да се следат современите текови на живеење. Со разивањето на сите техничко-технолошки иновации и пристапноста на информации од секаков вид, децата и младите стануваат се посвесни за сопствените потреби и нивните барања стануваат поголеми и доведуваат до конфликти во семејството како резултат на судир на генерации, конфликти во училиште и пред се внатрешни конфликти поради неможноста за разешување на истите.

Ваквите, но и многу други состојби, ја нагласуваат потребата и оправданоста за работа на психо-социјално советувалиште „Збор по збор“, отворено во рамки на Црвен крст Охрид.

– Тимот составен од психолози, педагог и социјален работник преку советување, користејќи методи на разговор, сугестија, интроспекција, набљудување ќе работат на подобрување на менталното здравје кај деца и млади, адолесценти и возрасни лица од Охрид и регионот. Преку примена на метод на разговор, се откриваат интраперсоналните фрустрации и конфликти кај личноста. Со примена на сугестија, кај личноста се стимулираат способностите и мотивацијата за разрешување и надминуавање на истите. Се откриваат проблеми поврзани со социјална адаптација, социјална анксиозност, чувства на нелагодност и несигурност во група, се подобруваат емоционалните компетенции, детектирање на сопствените емоции и чувства, примена на метод на интроспекција и свесно соочување со негативните емоции и чувства, анализа на постапки и однесувања со цел преземање на целосна контрола на сопственото поведение, детектирање на училишни проблеми поврзани со успехот во учењето, мотивираноста за учење и проблеми поврзани со внимание и концентрација, соочување со стрес на работно место, анализа на професионалните способности и компетенции, советување поврзано со животни искуства, предизвици, лични избори и советување на лица кои се соочуваат со стресни и трауматски искуства, информираат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека советодавната сесија трае еден час. По процена на тимот на советувалиштето, истата може да трае подолго или пократко во одредени случаи.

– Правото на дискреција на клиентите е загарантирано со Етички кодекс на психолозите на Република Македонија. Разбијте ги стереотипите и педрасудите, мислете на себе и своето здравје и верувајте дека психо-социјалното советување во многу може да придонесе во правилно и навремено справување со стресот и подобрување на начинот на вашето живеење, потенцираат од охридскиот Црвен крст.

За повеќе информации и закажување достапни сме во просториите на Црвен крст Охрид секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот, на телефоните 046/261-909 и 070/315-309 или на е-меил адресата: ohrid@redcross.org.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука