Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Градоначалникот Пецаков ќе ја презентира целосната документација за предметот со изградба на хотелот во Лагадин

Охрид, 10. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Откако неодамна беше повторно отворена оваа тема и по реакциите од Министерството за транспорт и врски и Националната комисија за УНЕСКО, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков денеска најави прес конференција на која ќе соопшти детали за „(не)спорната изградба“ на хотелот во Лагадин и пред јавноста ќе ја презентира целосната документација за предметот.

– Од „експерти“ и борци кои пред се’ се од Охрид, а доставуваат и поднесуваат извештаи, параизвештаи и идеи за Охрид и неговиот напредок, пред се’ во негативна конотација, им е смачено на Охрид и охриѓани. Министерке Бисера, не е проблем да не знаете, проблем е да не се информирате и да си терате ваша приказна сосема погрешна и пред се’ на ваша штета. За овај предмет, шест години Општина Охрид и претходните градоначници, даваат негативно мислење и го одбиваат по еден основ и сите шест години второстепената комисија на Министерство за транспорт и врски го враќа на повторно одлучување во Општина Охрид, а за оваа околу една година мандат два пати сум дал негативно мислење како градоначалник за претходно даденото одобрение за градба. Овој пат, второстепената комисија, веројатно за прв пат во историјата одлучува мериторно за овај предмет и го уважува одобрението за градба од 2015-2016 година, кое било издадено во тој момент, а покрај мериторната одлука во рок од две недели му дава и правосилност на истото, а на нас како општина само ни стигна известувањето без да имаме можност да реагираме, затоа што основот по кој беше поништувано решението за градба сите овие години наназад го падна Министерството заедно со второстепената комисија и на тоа решение е потпишан вашиот колега Благој Бочварски, вели Пецаков.

Тој ја потсетува министерката дека, кога повикува некого, тогаш барем да погледне во своите редови и ќе и’ станат појасни работите.

– Со целосната документација за предметот ќе ја запознам и јавноста, а и ќе Ве потсетам на тоа како и на кој начин преку планини и мечки Зоран Заев во Охрид ветуваше решение на проблемот. Секогаш сум стоел на располагање на сите луѓе, секако и на Вас министерке, за да Ве запознаам со материјата која Ве интересира, а се однесува на Охрид, стојам и сега. Не за друго… за да не лутате по ингеренции и надлежности, а за мене побитно за одговорност, потенцира Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука