Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на театарот, 12 години професионален театар во Охрид

Охрид, 27. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден на театарот, 27-ми март.

 Возобновувањето на театарскиот живот во Охрид има историска димензија, не само за охриѓани и за тимот актери туку и за љубителите на театарот. Огромно е задоволството да се застане на штиците што живот значат.

Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“, Народниот театар Охрид опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар. Охриѓани со радост се сеќаваат на премиерите на охридскиот градски градски театар, во 50-те години на минатиот век кога актерската екипа од 15 млади луѓе со голем ентузијазам и елан внесувале нов дух во градот. Корона пандемијата, што се уште е актуелна, особено го погоди и театарот, празни сали, одложени претстави имаше изминативе година и пол. Сега со постепеното подобрување на состојбите, публиката пополека се враќа во салите, да даде поддршка на сработеното на актерите и да се релаксира од секојдневието.

Во текот на изминативе 12 години се продуцирани бројни премиери и гостувања на повеќе фестивали. Прва беше „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветаноски.

По повод светскиот ден на театарот, вечерва од 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Народниот театар Охрид, повторно ќе ја изведе претставата „Енергични луѓе“, според авторот Василиј Шукшин, во режија на Александар Ивановски.

– Играат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Елизабета Стефаноска, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов и Марија Стефаноска. Сценографијата и графичкиот дизајн се на Филип Коруновски, а костимите на Невенка Тасева Петровиќ, информираат од Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Претставата, иако сместена во социјалистичките, 70-ти од минатиот век, е исклучително актуелна, со заплет кој носи урнебесен расплет, кој освен што до солзи ја насмејува публиката праќа и квалитетна порака за одредени општествени моменти кои се на некој начин многу важни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука