Избор Празници Струга ТОП ВЕСТИ

Верувања и обичаи за Лазарева сабота во Струга и струшко

Струга, 8. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во зборникот на браќата Миладиновци покрај повеќето лазарски песни среќаваме податок и за изведувањето на еден обичај во Струга, во половината на минатиот век.

– Рано децата ходат по куќи со шарени стапчиња. Тој ден, а повике в недељата, в Цветници се собираат девојките по махали и направјет една од них невеста. Кого ке сретат на п’т обколисват и пејет секому по возраста му т.е. ако је неженет друга песна, ако је женат друга; ако је жена или девојка друга. Тој дават пари на невестата која му целива р’ка. Со тие пари накупвет нужните јела и се гоштевает и попраштает Лазара со ора и песни, пишуваат изворно Миладиновци.

Кузман Шапкарев, пак, запишал дека на овој ден „младите моми на возраст од 12-13 години, се собираат во дружина од по 5-6 девојчиња и по едно момче, одат од куќа во куќа и заедно пеат лазарски песни соодветни со состојбите и условите во секоја куќа. Штотуку влезат во собата лазарките се наредуваат исправени во полукруг или на отворен лак, обрнати со лицето кон огништето или кон домаќините и под раководство и иницијатива на танчерката испеваат една или две песни соодветни на условите во куќата. Кога ги пеат се полулуваат напред и назад со телата. По испевањето бакнуваат рака на домаќините и домаќинките кои ги даруваат со по неколку пари или јајца. Парите ги собира танчарката, а јајцата раководителот на лазарките т.е. момчето со кошничката, кое нарочно го носи со себе. Ова последново и не пее“.

Со Лазарева сабота се поврзани повеќе обичаи и песни познати како лазарски. Ги изведуваат девојки во групи одејќи по куќите и низ населените места и пресретнувајќи ги луѓето. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и општествената положба и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во овие песни се велича личноста, се посакуваат напредок на семејството, здравје и среќен живот на поединецот. Особено со многу лирски чувства се исполнети песните за малите деца како што е и оваа песна од зборникот на браќата Миладиновци:

Малечкоо убоо, о Лазаре! На диван ми седеше,
со јаболко играше; мајка ле му викаше:
-Малечкоо убоо! Доста седе на диван,
доста играш с јаболко, дан’те царот догледат,
дан’ти царство поклонит! Уште речта не рече,
ми го царот догледа и му царство поклони. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука