Избор Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Левица: Коридорот 8 со закон по брза постапка ќе го уништи македонското културно наследство, охридскиот регион е богат со археолошки наоѓалишта

Скопје/Охрид, 8. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Собранискиот спикер Џафери закажа итна седница за понеделник, на која власта по скратена постапка сака да протне девет предлог закони, меѓу кои и Предлог-закон за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, информираат од Левица.

– Очигледно дека во секој од овие закони намерата е иста и се однесува на „олеснување“ на процедурите при изградбата на Коридорот 8. Конкретно, во овој предлог-закон се предвидуваат измени со кои се заобиколува начинот на пријавување ако се дојде до археолошки важно откритие (археолошки локалитет). Наместо да се пријави до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи, како што предвидува законот во други случаи, во овој случај треба да се пријави само до надзорниот инженер. Сето ова станува појасно со тоа што овој предлог-Закон го предлага ДУИ, кои заедно со анти-македонската СДС, не покажале никаква грижа за заштита на македонското културно наследство, особено во мигови кога е оспоруван македонскиот идентитет, историја и култура, реагираат од партијата.

Додаваат дека секако интересот на приватните компании е профитот, а не нашето културното наследство.

– Охридскиот регион е богат со археолошки наоѓалишта и повеќе од сигурно е дека ќе има прекини во работата поради процедурите, а кои во случајов сакаат да се заобиколат по брза постапка. Левица како партија стои зад македонските национални интереси и затоа сме категорично против овој предлог-закон. Свесни сме дека СДС и ДУИ тенденциозно уништуваат сѐ што е македонско од аспект на историја и културно наследство, па дотоколку нашата борба треба да е пожестока против нивното самоволие, стои во реакцијата.

Од партијата најавија дека ја одбиваат поканата за учество во т.н. работни групи за најавената повторна насилна промена на Уставот.

– Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет. Спротиставувањето на ова потчинување пред соседните апетити претставува антифашистички чин, независно од сите лаги за европска извесност која квислиншката власт лажно ја ветува. Затоа, повеќе од било кога, потребна е одбрана на државата и македонските национални интереси. Во нивна одбрана Левица ако треба ќе застане и сама. Отварањето на Уставот е предавство, порачуваат од Левица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука