Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Католички Велигден

Охрид, 9. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Припадниците од католичката вероисповед денес го празнуваат големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Денес Велигден го слават и сите христијански верници кои се раководат според Грегоријанскиот календар.

Христовата жртва е завет за генерациите кои ја продолжуваат пораката за соживот и слога, за разбирање и мир. Христовото воскресение нè учи дека вербата и надежта нè прават човечни.

Христовото воскресение е темел на секоја човечка надеж и смисла на нашето постоење, бидејќи јасно ни говори дека овде на земјата, во оваа ограничено изнемоштено тело не сме сосема дома. Не очекува преобразба на телото и влез во царството на бесмртноста за кое Тој со своето Воскресение ни ја отвори вратата.

Традиционално, централното одбележување во Република Македонија се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија. На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Велигденската литургија ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов.

– На Стара година 2022 во куќата на Небесниот Отец се пресели папата Бенедикт XVI. На 5 јануари 2023 година имавме можност да го проследиме погребот на неговите посмртни останки, кои беа положени во криптата на базиликата Свети Петар во Рим. Целиот негов свештенички живот беше обележан со непречено учење и пренесување на верата во Исус Христос. Овој Папа, како наследник на апостол Петар, мораше да се соочи со актуелни проблеми кои ја потресоа Црквата, за што непосредно пред смртта на неговиот претходник Иван Павле II. на Велики Петок во 2005 година, за време на молитвата Крстен пат, тој рече дека (бродот на Петар) тоне се подлабоко и подлабоко, бидејќи пушта вода од сите страни. И покрај тоа што веќе беше во години, тој, сепак, ја прифати задачата да биде римски бисуп и да бара вистински решенија за да можат сите членови на Црквата да одговорат на задачата што им ја доверил самиот Господ. Честа тема на неговите проповеди беше „пријателувањето со Исус“ со акцент дека сè зависи од ова интимно пријателство со Господ. Треба да се отвориме како пријатели и слободно да му зборуваме како пријатели, бидејќи Исус е единствениот кој може да го направи нашиот свет добар и среќен. Во сите тие наши борби знаеме дека не сме сами и сме сигурни дека Бог е верен и никогаш нема да нѐ напушти. Христос ни вели дека е со нас до свршетокот на светот! (сп. Матеј 28,20) Се надеваме на Воскреснатиот Христос без оглед на предизвиците со кои треба да се соочиме. Охрабрен од таа надеж на сите ви посакувам честит и благословен празник Воскресение Христово – Велигден! Христос воскресе. Алилуја, рече во Велигденската проповед скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука