Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Чествување на лауреатот на СВП, Хусто Хорхе Падрон во Струга

Струга, 12. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Паркот на поезијата во Струга, НУМ „Струшки вечери на поезијата“ во соработка со Амбасaдата на Кралството Шпанија, вчера организираше свечен настан Чествување на лауреатот на СВП, Хусто Хорхе Падрон.

Во рамки на Програмата на настанот, во присуство на претставници на локалната самоуправа и љубители на поетскиот збор, свои обраќања имаа Тодорче Тасевски, директорот на СВП, Ернесто Хередеро дел Кампо, заменик шеф на Мисијата на Кралството Шпанија и Клеопатра Филипова де Хорхе Падрон, сопругата на Хусто Хорхе Падрон, којашто заедно со нивната ќерка Лара де Хорхе Филипова беа специјални гости на настанот.

Нашиот познат универзитетски професор и поет Иван Џепароски одржа беседа за личноста и делото на големиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон. Настанот беше збогатен со музичка изведба. Во чест на лауреатот Хусто Хорхе Падрон, Андреј Нически ,наставник по гитара при Основното Општинско Музичко Училиште-Струга, ја изведе композицијата „Астуриас“ од шпанскиот композитор Исак Албениц.

– Беа прочитани пет песни од монографијата за лауреатот, за која што приредувач беше големиот македонски поет Матеја Матевски, во соработка со Клеопатра Филипова де Хорхе Падрон. Песните беа прочитани на шпански, на македонски и на албански јазик. На шпански јазик песните ги прочита нашиот почесен гостин Ернесто Хередеро дел Кампо, на албански јазик, Ирмете Зуљаљи, нашата талентирана ученичка од основното училиште „Ашим Агуши“, а на македонски јазик, ја имавме честа стиховите да ги прочита Христо Миладинов или како што го знаат стружани, Ристе Миладин. Тој е директен потомок по машка линија на постариот брат на Константин, Димитрија Миладинов, информираат организаторите.

Модератори на настанот беа Стефанија Лаброска и Ирмете Зуљаљи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука