Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Велики Четврток, домаќинките го вапцаа првото црвено јајце кое има голема моќ

Охрид, 13. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават Велики Четврток.

Првите три јајца, кои домаќинките ги вапцаа утрово, односно пред изгрејсонце за да не ги види сонцето, според верувањата не се расипуваат со години. Според традицијата, в зори на Велики Четврток треба да се вапца барем едно црвено јајце.

Првото вапцано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото за бериќет и за стоката. За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.

Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапцувањето на јајцата. Треба да касне макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку вапцува на празен стомак, таквите јајца не носат радост, туку би можело оној што ги вапсува да биде несреќен и болен. Сепак и во вапцувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Велики четврток, домаќинката или кој било што ги вапсува јајцата ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата изговарајќи ги три пати зборовите: „црвено, бело, дебело“!

Инаку, вапцувањето на јајцата за Велигден е еден од најасоцијативните обичаи за самиот празник, што, всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта Христова и спасението. Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.

Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со поздравот Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе!

Тој обичај, според преданието, потекнува од чинот на Марија Магдалена, која по Христовото страдање тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога излегла пред царот Тибериј, му подала црвено јајце и рекла: „Христос воскресе“. Оттогаш, спроти Велигден, христијаните ги бојат јајцата и со тоа го одбележуваат Христовото воскреснување. За Велики петок, денот на страдањата и смртта на Исус Христос, црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење, освен за немоќните и старите.

Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква – ОА како и сите православни цркви во светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука