Економија Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Најдобрите општински практики од Германија ќе се презентираат во охридската Касарна Хаб

Охрид, 28. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во охридската Касарна Хаб, преку програмата „ЕУ за општините“, утре ќе бидат презентирани „Најдобрите општински практики од Германија“.

Главната цел е давање на поддршка за побрзо спроведување на иновативни општински решенија во Република Северна Македонија со користење на искуства од земјите-членки на ЕУ. Настанот е во соработка со БДУ – Германската асоцијација за менаџмент консалтинг (Bundesverband Deutscher Unternehmensberatungen) која е најголемата организација што ја претставува германската консултантска индустрија со 34,6 милијарди евра приход и 230.000 вработени. Пет консултанти од Асоцијацијата се обврзаа на про-боно ангажман за време на оваа конференција, како и за одржување на дополнителни 3 локални работилници во Велес, Кавадарци и Охрид.

– Презентациите на најдобрите општински практики од Германија ќе бидат реализирани од страна на германските експерти. Каи Хаке, извршен директор на Асоцијацијата, ќе зборува на тема „Како да се работи со консултанти: Деловна етика, критериуми за квалитет, добро владеење“, а Мајкл Хофнагел, поранешен градоначалник на Таунусштајн на тема „Придобивки од меѓуопштинската соработка: Формална и неформална соработка, институционална поставеност, вклученост на приватниот сектор, дигитални услуги за студија на случај, туристички регион за студија на случај“. Кристијан Лејер, експерт за градење на дигитални стратегии, ќе се обрати на тема „Општинска дигитализација сега: „Фактори за успех на дигитализацијата, соработка наспроти конкуренција, технички и правни аспекти, сајбер безбедност, стратегија за имплементација, студија на случај за дигитален сервисен центар“, додека Кристина Плоц и Јоханес Брунинг на тема „Еден билет за сите: Улогата на здруженијата за јавен транспорт и центрите во креирање на нов вид на превоз; урбана мобилност, поделба на приходите меѓу операторите, студија на случај „Германски билет“, информираат организаторите.

За време на настанот ќе биде претставена и Бонската декларација за интегритет на консултантски услуги за јавни клиенти изготвена од БДУ – Германската асоцијација за менаџмент консалтинг, а која има за цел градење на етички односи помеѓу јавните институции, приватните компании и индивидуалните консултанти. Во текот на овие два дена германските експерти одржуваат активности со работни состаноци во Скопје, како и во општините Велес, Кавадарци и Охрид.

„ЕУ за општините“ е програма на Европската Унија која директно ги поддржува македонските локални самоуправи преку грантова шема со вкупна вредност од 5 милиони евра, а која им овозможи на 8 општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ до 800.000 евра. Целта на Програмата е да обезбеди поддршка на општините за подобрување на услугите на локалната самоуправа преку иновативни концепти, како и да придонесе кон локалниот економски и социјален развој на општините преку воведување иновации во развојот на нивните политики, планирањето, управувањето и капацитетот за испорака на услуги. Европската Унија обезбедува 85% кофинансирање за овие грантови, додека Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15% од вкупните прифатливи трошоци на овие проекти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука