Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Курт: Македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај

Скопје/Охрид, 7. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – На двата македонски аеродроми ќе има многу работа во наредниот период, а тоа е поради зголемените аеродромски операции кои ги имаме годинава, за што сме навистина среќни, се разбира откако претходно бевме силно погодени од ковид-кризата, која силно ја погоди целата воздухопловна индустрија ширум светот, вели во интервју за „Локално“ новиот генерален директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Додава дека македонските аеродроми се движат кон своите највисоки нивоа на патнички сообраќај, бидејќи сé повеќе луѓе патуваат со авион. Во однос на тоа дека граѓаните често се жалат на малиот број на дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром, Курт посочи дека работат многу напорно да привлечат нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од двата македонски аеродроми и да отворат нови дестинации кои ќе бидат корисни за македонските граѓани.

– Со оглед на тоа како започна оваа година, со 44 отсто пораст на бројот на патници во првите 4 месеци во однос на 2022 година, очекуваме овој растечки тренд да продолжи со исто темпо, дури и со повисока стапка, со оглед на тоа што ќе имаме 3 нови линии од скопскиот аеродром до крајот на јуни – Франкфурт со дневна фреквенција, Сплит и Осло (со Норвеџиан ерлајнс), и зголемени фреквенции на голем дел од постоечките авиолинии, со што ќе се зголеми обемот на вкупниот патнички сообраќај. Од Охридскиот аеродром ќе имаме 3 нови линии – Манчестер, Лондон и Белград.

Дополнително, за време на летната сезона на летање, која на аеродромите започнува на крајот на март и завршува на крајот на октомври, ги имаме традиционалните сезонски туристички дестинации како Бодрум, Анталија, Измир, Монастир, Енфида и Ларнака од Скопје; и Амстердам, Варшава, Катовице, Манчестер, Лондон и Белград од Охрид, изјави Курт.

Во моментов, од Меѓународниот Аеродром Скопје има вкупно 54 дестинации и 21 авиокомпанија. 16 авиокомпании летаат на 47 редовни авиолинии, во текот на целата година, а 5 летаат на 5 сезонски авиолинии. На охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“, има 8 авиокомпании кои летаат до 13 дестинации во летниот ред на летање. (Крај)

извор: Локално фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука