Избор Локална самоуправа

Амбасадорката на Црна Гора Марија Петровиќ во посета на Охрид

Охрид, 13. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Марија Петровиќ, Амбасадорка на Република Црна Гора, при денешната посета на Охрид оствари средба со градоначалникот д-р Кирил Пецаков.

– Во срдечна атмосфера разговараа на повеќе теми. На средбата беа потврдени добрите односи што Општина Охрид ги негува со збратимените и пријателски градови од Црна Гора, Будва и Котор. Соговорниците се осврнаа и на темите за развој на туризмот и промоција на Охрид како атрактивна туристичка дестинација. Беше разговарано и за зачувување на животната средина, заштита на Студенчишкото Блато и состојбата со Колекторскиот систем на Охридското Езеро. Градоначалникот и амбасадорката разговараа и за можностите за соработка во делот на подготвување на проекти, како и за економска соработка со организирање на регионални економски форуми помеѓу малите бизниси од Македонија и Црна гора, информираат за средбата од кабинетот на Пецаков.

Додаваат дека градоначалникот Пецаков и амбасадорката Петровиќ разговарале и за соработката што Охрид ја има со црногорската општина Котор и за размената на искуства со УНЕСКО.

– Заеднички се сложија дека Организацијата на градови со светско културно наследство (OWHC) треба да продолжи со своите активности и да се организира средба во Охрид помеѓу градоначалниците од градовите кои се дел од оваа организација, информираат од локалната самоуправа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука