јуни 13, 2023

Струга, 13. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Здружението на Бугарите во Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески, денеска наводно бил претепан од непознато лице во Струга, потврдил Кадриески за бугарскиот портал Нова.

Тој изјавил дека бил соборен на земја и бил клоцан. Бил удиран и со раце, а навредуван бил по етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“. Кадриески е македонски државјанин и не поседува бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.

Експресна реакција по инцидентот пристигна и од бугарската политичка партија ГЕРБ, јави ПлусИнфо:

– Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз македонски државјанин со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите „Шемето“, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите „валкан Бугарин“, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен релапс и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети, се вели во реакциајта на ГЕРБ.

Потврда за инцидентот пристигна и од СВР Охрид.

На 13-ти јуни 2023 година, во 12:15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К.од селото Лабуништа.

– Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава, информираат од СВР Охрид. (Крај)

извор: Нова/ПлусИнфо/СВР Охрид фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука