Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Скопје, 17. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од 17-ти јуни 2018 година селото Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, стана симбол и асоцијација за договорот кој многумина го сметаат за историски и модел за мирно решавање на споровите, бидејќи стави крај на речиси 30 годишниот спор меѓу две соседни земји, но според многу други е спорен и понуди преголеми отстапки на македонска страна.

Го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во двете земји, Договорот, на 12-ти февруари 2019 година, стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски. Договорот од Преспа го отвори патот за интеграција на нашата земја во евро-атлантските институции, но и го подигна нивото на билатералните односи меѓу Македонија и Грција. Македонија стана 30-та членка на НАТО и сега веќе со Грција се сојузници во Алијансата, а токму грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор. Паралелно Преспа ги одмрзна односите меѓу двете земји и четири години подоцна се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.

Во изминатите четири години односите меѓу двете соседни земји се значително подобрени, без разлика на промената на власта во Грција и промените во македонската Влада. Билатералните односи се на повисоко ниво, со можност и за дополнително продлабочување и подобрување.

Патот до Преспа

Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Република Македонија и нејзиниот прием во ОН, на 8-ми април 1993 година. Поради противењето и притисоците од Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

Преговорите меѓу Македонија и Грција за спорот кој траеше 27 години се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој, а по почетните средби на медијаторот Нимиц со преговарачите од двете земји, преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Тогашните премиери на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас ја имаа првата тет-а-тет средба на Светскиот економски форум во Давос на почетокот од 2018 година, каде беа направени првите отстапки: нашата земја да ги преименува аеродромот и автопатот, а јужниот сосед да ја деблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и да овозможи наше членство во Јадранско- јонската иницијатива.

Поделбите предизвикани од Преспанскиот договор актуелни и на првата годишнина - Нова Македонија

По Давос следеа низа средби на шефовите на двете дипломатии, со или без посредникот Нимиц, директни преговори, разговори, консултации, а клучна во преговорите беше средбата Заев-Ципрас на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата.

На 12-ти јуни 2018 година Заев и Ципрас во телефонски разговор го потврдија договореното, потоа ја информираа јавноста во своите земји, а пет дена подоцна беше потпишан Договорот.

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните е официјалниот наслов на Договорот.

Во селото Нивици, на свечената церемонија во на 17-ти јуни 2018 година потписите на Договорот ги ставија тогашните шефови на двете дипломатии, Димитров и Коѕијас, кои воедно беа архитектите на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.

Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата. Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција. (Крај)

извор: Тв Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука