Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Јовев за „Фокус“ по назначувањето на охриѓанецот Шокаровски за директор на државната Кардиохирургија: Најнеспособниот и Јуда го избираат за да го контролираат

Скопје/Охрид, 23. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Најнеспособните кадри ги избираат за директори, за да може да ги контролираат, вели за „Фокус“ разрешениот директор на скопската Кардиохирургија, доктор Сашко Јовев, откако охриѓанецот Марјан Шокаровски беше назначен на негово место.

– Се избираат најнеспособните кадри и Јуда за да може да ги контролираат. Тоа е целта, вели доктор Јовев во изјава за „Фокус“.

Д-р Марјан Шокаровски е назначен за нов директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, а за нов организациски директор е назначен Исак Јакупи, соопштија од Министерството за здравство на Република Македонија. Во известувањето Министерството наведува дека д-р Шокаровски е дел од тимот на клиниката од нејзиното основање. Тој е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар во Загреб, има повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, ангажиран е и како асистент на Медицинскиот факултет-Скопје.

– Тој е дел од тимот на досега извршените трансплантации на срце во нашата држава, вклучен и во иновативните хируршки интервенции на срце со минимален инвазивен пристап. Исто така, се едуцирал во повеќе земји, како Германија, Австрија, Англија, Франција, Бугарија, Србија и присустувал на голем број меѓународни конгреси, информираа од Министерството за здравство.

Назначувањето на Шокаровски следува по разрешувањето на досегашниот директор на оваа клиника, д-р Сашко Јовев, по одлука на министерот за здравство Фатмир Меџити. (Крај)

извор: Фокус/ОхридПрес/МЗ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука