Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Проект и камп на Завод и Музеј Охрид за јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион

Охрид, 27. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Завод и Музеј започна со реализација на проектот „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“.

Целта на проектот е да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј – Охрид во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти и во соработка со експерти вклучени во развојот на ГИС платформа од наша и од Албанска страна.

– Проектот опфаќа разни активности, како што се: Разгледување на постоечката документација и спроведување на теренска проверка на моменталната состојба на културното наследство врз основа на список на регистрирани локалитети на културното и археолошко наследство во Охридскиот регион и документирање со фотографии и GPS лоцирање. Дигитализирање на документацијата со стандардизирана процедура за евиденција на културното наследство што треба да се воспостави во рамките на проектот, а која ќе трба да биде компатибилна со системите кои се веќе воспоставени во нашата установа со системот на националниот електронски регистер но и со европските стандарди, додаваат од установата.

Следен чекор ќе биде, соработката со експерти вклучени во развојот на национална ГИС платформа за археолошки и архитектонски споменици во Албанија и со релевантните општини во Албанија со цел зајакнување на прекуграничната соработка за специфичните потреби на регионот на Охридското Езеро.

За таа цел клучен е меморандум за соработка со „Културно наследство без граници – Албанија„ (CHwB Albania), со кои заедно ќе спроведуваат обуки. Во периодот од 10-ти до 22-ри септември годинава на двете локации последователно ќе се организира Регионален реставраторски камп за евиденција, инвентаризација, дигитализација и користење на ГИС платформата за недвижно културно наследство со цел да се постави работен план кој обезбедува негово долгорочно одржување и редовно ажурирање. Резултатите од кампот ќе бидат подлога за создавање на ГИС платформа за недвижното културно наследство и археолошките локалитети од Охридскиот регион со што ќе се обезбеди ГИС базата на податоци која ќе може да ја користи и пошироката јавност а ќе се потхранува со податоци за недвижното културно наследство и заштитените археолошки локалитети собрани и документирани во текот на проектот.

Вкупниот износ на проектот е 55.000 американски долари, предвидено е да трае оваа и следната година, а го реализира м-р Горан Патчев, Виш конзерватор.

Резултатите од проектот и ГИС платформата, ќе се претстават до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион и Заедничкиот комитет за управување со прекуграничното светско наследство „Охридско Езеро“.
(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука