Забава Избор

Миле Кузмановски ја отпеа антологиската „Налеј, налеј“, како дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ (Видео) 

Скопје, 27. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бисерното грло на македонската музика Миле Кузмановски ја отпеа антологиската „Налеј, налеј“, како дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“.

– „Налеј, налеј“ е песна која често и со огромно задоволство ја изведувам на моите настапи. Верувам дека преку овој проект ќе успееме убавата македонска песна да ја доближиме до младите луѓе. „Налеј, налеј“ се пее со многу емоции и без нив нема успешна изведба, јас песната ја сакам и ја чувствувам, и верувам дека и публиката ќе го препознае тоа“, вели Миле Кузмановски, кој е дел од музичките имиња вклучени во проектот „Македонијо во срце те носиме“, а чија изведба е всушност третата по ред нумера што јавноста добива можност да ја чуе.

„Налеј, налеј“ е македонска народна песна, чии стихови според достапните податоци се напишани во далечната 1903 година и посветени на љубовта на гемиџиите, а за која овојпат аранжманот го потпишува Николче Мицевски.

Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот, стои Скендеровски продукција. „Македонијо во срце те носиме“ содржи 12 нумери отпеани од 12 изведувачи – меѓу кои освен Миле Кузмановски, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, чии изведби публиката веќе имаше можност да ги чуе, јавноста уште ќе ги чуе и види и: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска и Зуица Лазова. На списокот нумери кои имаат за цел убавата македонска песна да ја доближат до помладите генерации се и „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“…

Како дел од проектот наесен планиран е и концертен караван кој под истото име ќе ја обои Македонија во најубави звуци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука