Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерката Тренчевска се сретна со претставници на пензионерите од Охрид, Прилеп и Штип: Ќе се формира работна група која ќе предложи решенија

Скопје/Охрид, 15. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по вчерашните протести на пензионерите и средбата со одборот на пензионери кои ги соопштија барањата во однос на пензиите, денес одржа состанок и со Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија.

На состанокот беа присутни претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова и претседателите на здруженијата на пензионери од Охрид, Прилеп и Штип.

Тренчевска посочи дека во изминатиот период методологијата за пораст на пензиите и мерките за поддршка на пензионерите кои се дел од ранливата категорија на граѓани се донесени заедно со Сојузот на пензионери. Таа истакна дека работата на министерството за труд и социјална политика со Сојузот во изминатиот период не беше во мирување туку напротив во континуитет се работи на решение за утврдување на износ на минимална пензија.

На средбата од страна на присутните беше заклучено формирање на работна група која ќе биде составена од претставници од Министерството за труд и социјална политика, претставници од Владата и Сојузот на пензионери и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување. Работната група треба да предложи решенија кое ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови на пакети мерки за помош и поддршка на пензионерите. Работната група треба да работи на решенија кои ќе бидат одржливи, кои не ја нарушуваат стабилноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и кои пред се ги почитуваат потребите на пензионерите.

Министерката посочи дека во периодот кој што следи ќе се интензивираат средбите со пензионерите во сите градови во државата. Според неа тоа ќе биде можност за давање на предлози кои ќе бидат основ во креирање на решенија и предвидување на потребните законски измени за барањата да бидат реалност. Тренчевска на крајот од средбата истакна дека Министерството ќе вети само исполнување на решенија кои навистина ќе можат да се спроведат, затоа што според неа зборот даден кон граѓаните секогаш треба да биде целосно реализиран. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука