Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Во Охрид одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Холандија и Македонија

Охрид, 17. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со изложба на фотографии и забава во портокалово, во Охрид, градот каде двете култури и народи најчесто се среќаваат, се одбележа триесетгодишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Холандија и Република Македонија.

Амбасадорот Дирк Јан Коп ја отвори изложбата „Вода = живот“ заедно со победникот на меѓународниот конкурс, македонскиот фотограф Томислав Георгиев.

– „Водата е живот“ е насловот на глобалниот фото конкурс и веројатно не постои нација која подобро го разбира ова од Холанѓаните. Со оглед на тоа дека една третина од мојата земја е под нивото на морето, со векови ни е јасно дека е неопходно интегрално управување со водата. Таа не е само за пиење, риболов, наводнување или за превоз. Повеќе од илјада години Холанѓаните се приморани да се бранат од водата, а тоа бара заедничка работa како единствен начин за мојот народ да преживее и да напредува, рече амбасадорот Коп во своето обраќање.

Изложбата организирана во соработка со Касарна хаб Охрид ќе биде отворена за посетители до 16-ти септември. Со овој фото конкурс Холандија има цел да го обедини светот на една од многуте теми поврзани со водата, стремејќи се да најде заедничко решение за глобалните предизвици. На конкурсот беа пријавени 147 фотографи од целиот свет, а фотографијата на Георгиев на која е прикажан човек кој ги чисти тревите и ѓубрето од реката Црн Дрим во Струга е добитник на главната награда.

Дипломатските односи меѓу Република Македонија и Холандија беа воспоставени на 16-ти декември 1993 година со размена на писма меѓу тогашните министри за надворешни работи Петер Коијманс и Стево Црвенковски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука