Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓани можат да подарат архивски материјали од нивните приватни колекции

Скопје/Охрид, 19. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Државниот архив на Република Македонија, во интерес на имателите и истражувачите од државата и странство постојано презема активности за откривање и евидентирање на архивските материјали што се наоѓаат во приватна сопственост.

– Ги повикуваме сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да покажат општествена одговорност и да го подарат на Државниот архив како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато. На приватните иматели (или правни наследници) им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели. Архивскиот материјал наменет за подарување се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата во функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот. Од подарените архивски материјали ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и слично, пренесе порталот Нетпрес.

Информации за подарување архивски материјал, охриѓани можат да добијат и во одделението на Државниот архив во Охрид на улицата „Никола Карев“ бр. 6 или на телефонскиот број 046/252-104. Работното време е од 08:30 до 16:30 часот. (Крај)

извор: НетПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука