Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

На денешен ден во 1986 година во „Св. Софија“ г.г. Гаврил е избран за трет поглавар на МПЦ

Охрид, 4. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, на денешен ден, во 1986 година, се одржал Архиепископски изборен црковно-народен собир, на кој г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) бил избран за трет по ред Архиепископ охридски и македонски-поглавар на Македонската православна црква.

Следниот ден во црквата „Свети Климент“, новоизбраниот поглавар положил свечена заклетва и му биле врачени архиепископските обележја.

Веднаш по застанувањето на престолот, тој ги продолжил веќе започнатите проекти на неговиот претходник Доситеј. Ова пред сè се однесувало на изградбата на црквата Свети Климент Охридски во Скопје, формирањето на Богословскиот факултет и издавањето на Библијата на македонски литературен јазик. Гаврил бил првиот македонски архијереј кој ја обновил древната традиција, фрлање крст во реката Вардар. Архиепископот Гаврил се повлекол од престолот во 1993 година поради старост. Починал во 1996 година и е погребан во манастирот „Свети Наум“ во Радишани крај Скопје.

Прв поглавар на Македонската православна црква бил обновувачот на Охридската архиепископија и организатор на Македонската православна црква архиепископот г.г. Доситеј (Димитар Стојковски), втор архиепископот г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), четврти г.г. Михаил (Методи Гогов) и петти г.г. Стефан (Стојан Велјановски). (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука