Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Денеска е 7-ми октомври, Европски ден на органодарителството

Скопје, 7. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на месеците октомври и ноември, по повод Европскиот ден на органодарителство и како продолжение на континуираната кампања за дарување органи која долги години Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ ќе организира поинтензивни и зголемен број активности за подигнување на јавната свест за дарување органи и трансплантација.

– Европскиот ден за донирање органи, ткива и клетки (EDD) има за цел да ја подигне јавната свест за потребата од органи, ткива и клетки и промовирање на принципот на доброволно дарување со цел да се спасат човечки животи. Во 2023 година, во земјите членки на Советот на Европа Денот на органодарителство почнува да се слави на 7 октомври. Трансплантацијата на органи, ткива и клетки е една од најголемите медицински успешни приказни на модерното време, која нуди големи терапевтски придобивки и подобрувања на квалитетот на животот. Исто така, во многу случаи, тој е единствениот третман способен да ги врати основните функции или да спаси пациенти кои страдаат од откажување на органите во краен стадиум. Побарувачката за трансплантирани органи, ткива и клетки секаде ја надминува понудата. Клучните бројки од европските статистики јасно покажуваат колку е страшна ситуацијата за илјадници пациенти кои страдаат во тишина. Претходната година во земјите на Европската унија 36 000 пациенти се трансплантирани, а 41.000 нови пациенти се запишани на листите за чекање. Во 2022 година во Европа во просек умирале по 20 пациенти дневно додека чекале за трансплантација, потенцираат од „Нефрон“.

Информираат дека во Република Македонија во 2022 година се направени вкупно 22 трансплантации на бубрези. Од нив 12 се од жив донор и 10 од кадавер (починат донор). Во текот на 2023 година, до 7-ми октомври, се направени вкупно 15 трансплантации на бубрези од кои 11 се од жив донор и 4 од починат донор. Годинава се реализирани две кадаверични донорства, со помош на донирањето на органи се спасија неколку човечки животи.

Зошто е важно семејствата да даваат согласност за донирање на органи после мозочна смрт?

Еден донор може да спаси осум животи со донација на органи, а да спаси или подобри живот на повеќе од 100 лица со ткивна донација.

Што треба да направиш за да бидеш дарител на орган?

Кажете „Да“ за донирањето органи, ткива и клетки! Европскиот ден за органодарителство (ЕДД) има за цел да го стимулира дијалогот и да ги охрабри граѓаните да кажат „Да“ на донирањето органи, ткива и клетки.

Разговарајте на темата со Вашите семејства. Висок процент на семејства (до 40%) одбиваат да дадат согласност за донација бидејќи не ја познаваат желбата и одлуката на починатиот. Доволно е само да донесеш одлука за дарителство и јасно да ја изразиш, кога семејството ќе ја знае твојата одлука ќе може да ја исполни и твојата желба. 5. Скоро сите религии во светот поддржуваат дарување органи. Сите традиционални верски заедници во Македонија го поддржуваат доброволното дарување органи и ткива, сметајќи го тоа за чин на хуманост и личен избор.

– Ги контактиравме претставниците на најголемите верски заедници во Македонија и добивме писмена со позитивни ставови за донирањето органи. Од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија велат дека „се’ што значи спасување на живот на било кој човек не загрозувајќи туѓ живот или здравје, а во име на правилното разбирање на христијанската љубов кон Бога и ближниот, Црквата го прифаќа и благословува“. Од Исламската Верска заедница се со став дека „давањето дозвола за трансплантација треба да се направи во името на Алах, затоа што човечкото тело не смее да се третира како деловен објект, ниту кога човекот е жив, ниту по смртта“. Од Католичката црква истакнуваат дека „Господ Исус Христос го даде својот живот и ја пролеа својата крв за спасение на сите луѓе и дека тоа е повик до сите луѓе со добра волја да го осмислат проектот на својата егзистенција во смисла на автентично дарување на самиот себе, а критичен став против секоја егзотерична затвореност во самиот себе“, потенцираат од „Нефрон“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука