ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ден на Македонската револуционерна борба – 23-ти Октомври

Охрид, 23. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денес се празнува Денот на Македонската револуционерна борба, кој се одбележува од 2007 година кога беше донесен и изгласан новиот закон за државни празници.

Празникот се одбележува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун.

На 23-ти октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.

Со повеќе активности, и оваа година, Општина Охрид го одбележува 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и јубилејот, 130 години од формирањето на Македонската револуционерна организација.

Во Големата сала на Општина Охрид, во петокот напладне се одржа промоција на книгата „За македонистиката отворено“ од проф. д-р Димитар Пандев и Свето Стаменов, по што во саботата, на истата локација се одржа свеченост на која свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Свеченостите ќе продолжат и денеска, кога со почеток во 10:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата на охридските револуционери во Градскиот парк во центарот на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука