октомври 26, 2023

Охрид, 26. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот народен театар утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет, во режија на Сашо Миленковски.

Ова е едно од клучните дела на 20 век, често ќе чуете историчари на драматургија кои говорат пред Бекет и после Бекет, изјави режисерот Миленковски.

– Целта е да испорачаме нешто важно, она што мислам дека го направивме е да свртиме внимание на силата на театарот. Во време на вештачка интелегенција една од ретките струки што ќе остане е театарот. Нашиот медиум е многу стар. Она што мене ми беше важно што работев со актерите од охридскиот театар и ми се врати вербата дека сепак постојат луѓе што го сакаат тетарот автентично, рече Миленковски.

Актерот Стрезо Стаматовски кој го игра ликот на Владимир, за претставата вели дека е една од најдискутираните.

– Класичен текст во современата драматургија. Една од изведбите на оваа претстава во Америка за прв пат била пред затвореници и практично тие луѓе длабоко го разбрале глаголот на чекањето. Една од најдискутираните претстави, само за првата реплика од оваа претстава се напишани неколку трудови, богата е со многу голема симболика. Владимир ликот што го играм е претставник на платонското на она што е рацио. Едно е јасно дека тој не може без Естрагон, но и не може да го поднесе, рече Стаматовски.

– Се работи за едно класично дело, има и сериозна и комична нота, буквално нешто како предизвик што ни се случува во животот, а ние не го забележуваме. Темата чекање е многу добро позната на македонскиот народ, оставам на публиката да дојде и да ја погледне претставата, рече актерот Никола Тодороски.

Актерот Павел Маслов изрази задоволство што конечно на репертоарот на охридскиот театар се постави дело кое излегува од рамката на која охридската публика беше научена, дека репертоарската политика на театарот воглавно е комедија. Ова дело излегува од таа рамка и претставува стожер на една театрологија и треба да биде почесто поставувано на репертоарот на секој еден театар. Треба да почнеме да не го гледаме театарот само како средство за реалксација туку и за едукација, додаде Маслов.

Во претставата играат: Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Филип Кипровски и Ангел Ристоски. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20:00 часот, а цената на влезницата е 250 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука