Забава Избор

Македонските Nash & The Roosters со песни од Шабан Бајрамовиќ под закрилата на Croatia Records

Скопје, 9. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – „Last Prayer“ е албум со девет песни на македонскиот состав Nesh & The Roosters објавен деновиве под закрилата на најголемата дискографска куќа во регионот – Croatia Records.

Музиката за повеќето композиции ја напиша легендарниот пејач на ромски песни, Шабан Бајрамовиќ. Неш ги напишал стиховите и ги обработил на свој начин, што значи дека успеал да обедини неколку музички стилови во својот препознатлив музички потпис.

Со внимателно одбрани инструменти и пеење на англиски јазик, песните на албумот звучат искрено и спонтано, така што слушателите се чувствуваат речиси како да се дел од бендот што свири за нив. А токму тоа сакаше да го постигне Неш со снимањето на ова интересно издание.

Покрај неговиот срцепарателен тон, глас полн со страдање и скршено срце со голема доза на квалитет и знаење, Неш во аранжманите вметнал кларинет, гитари, разни ударни инструменти… Композицијата „Macedonian“ е традиционално македонско оро во седум-осмински ритам. Nash & The Roosters ја аранжираа оваа песна на свој начин. Со многу импровизација на сите инструменти во стилот на џипси џез, тие ја претворија оваа мелодија во музичка магија, во која секој ужива додека ја слуша.

– Незаборавната „Sila Kale Bal“ на Шабан Бајрамовиќ доби ново руво и во изведбата и аранжманот на Неш звучи сосема поинаку од оригиналот. Таа доби дел од рок призвукот, благодарение на електричната гитара, што одлично и „легна“ на оваа песна. Една од најпознатите традиционални ромски песни „Dema Devla“ на прво слушање ја крева публиката на нозе и ја постигнува целта – удира во срце. „Last Prayer“ е албум што Неш го сними во студиа ширум светот: Торонто, Фиренца, Дубровник и Скопје. Во секој сегмент од продукцијата и звукот, целиот албум звучи професионално и целосно свежо. „Last Prayer“ е албум наменет за публиката од целиот регион, па и многу пошироко. Љубителите на ромскиот и етно џезот ќе уживаат додека го слушаат, порачуваат од Croatia Records. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука