ноември 25, 2023

Скопје, 25. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Книгата „Сега ти стануваш јас“ од поетесата Д.А. Лори, во издание на „Чудна шума“, ќе биде промовирана вечерва, од 19:00 часот, во Младинскиот културен центар (фоаје на кино „Фросина“) во Скопје. Промоцијата на делото ќе ја водат Снежана Стојчевска и Ана Голејшка Џикова.

– Најновиот поетски ракопис „Сега ти стануваш јас“ на поетесата Д. А. Лори, кој доаѓа по успешните поетски книги „Будење во трето лице еднина“, „Со ветрот под рака“, „Небо во кафез“ и „Ќе фатит бран“, ги интригираше читателите кои имаа можност да го посведочат создавањето на книгата преку песните кои авторката ги објавуваше на инстаграм сториња. Песните се создадени за кус временски период, под голем креативен набој. Стерната беше отворена и песните надоаѓаа како што надоаѓа вода и допираат длабоко до свеста на читателот кој гледа како песната се создава и исчезнува пред неговите очи, поради краткотрајноста на објавата, како што минува и животот; денес си, утре не си. При тоа читање, привлечена како од магнетска сила влегов во тој вртлог, чувствувајќи ги песните како свои или како свое огледало, што потоа со насловот на книгата се потврди, како поетско-филозофското гледиште дека „Секој секому огледало“, дека секој се гледа себеси во другиот или, пак, дека сите потекнуваме од ист извор и сите во тој извор ќе се вратиме, посочува Снежана Стојчевска, рецензент на книгата.

Д.А. Лори (Долорес Атанасова-Лори) е родена на 26-ти октомври 1974 година во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде го поминува остатокот од детството и средношколските денови. Во 1993 година се сели во Скопје на студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде работи како професор по англиски јазик.

Песните на Д.А.Лори за првпат се објавени во „Букбокс“, по што следи соработка со издавачката куќа „Блесок“, за која, во 2014 година, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016 година, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“. По пауза од три години, во 2019 година, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез“. Добитник е на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019 година, која награда го овозможи излегувањето од печат на нејзината четврта книга „Ќе фатит бран“.

Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена“ и е-книгата „Поетискон“, како и на страната на „Словокулт“, онлајн магазин за уметност и литература, и „Fixpoetry“, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е, исто така, објавена во монографијата на „Астални проекции“, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“.

Долорес Атанасова-Лори е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово“, која за првпат беше доделена во 2017 година во склоп на италијанската поетска манифестација „Ангело ла Векија“. Во 2020 година за книгата поезија „Небо во кафез“, беше во првите пет номинирани за наградата „Браќа Миладиновци“, која се доделува за најдобра книга од едни до следни Струшки вечери на поезијата. Досега е преведена на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански јазик. Во 2023 година излезе нејзината петта поетска збирка „Сега ти стануваш јас“ во издание на „Чудна шума“. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука