декември 2, 2023

Скопје/Охрид, 2. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Националната Галерија „Чифте амам“ во Скопје, денеска и утре ќе биде претставен мултимедијалниот проект „Скриеното, чудесно”, кој се состои од изложба на современ филигрански накит, две едукативни предавања за поширока публика и креативна работилница за деца.

„Скриеното, чудесно” е колекција современ накит, која се темели на повеќегодишно истражување за Охридското Езеро, со финален фокус на неговите ендемски видови – микроскопските фотосинтетизирачки алги, Дијатомеи. Современиот филигрански накит, заедно обмислен и изработен од Марта Пејоска и Билјана Клекачкоска, е всушност една продлабочена студија за конкретното, но невидливо за голо око, кое се крие во длабочините на езерото. Генералната идеја на авторките e да се епитомизира важноста на интердисциплинарните проекти, во овој случај спојот на уметноста и науката. Резултатот од соработката со Институтот за биологија е материјализиран во накит, кој пак се користи како една креативна алатка за подигнување на нивото на свесност на публиката за важноста на нашето природно наследство.

– Приближувањето на откритијата до публиката го изведовме на еден интересен и концептуален начин односно преку форма на уметнички накит. Нашата директна инспирација се дијатомеите кои се од суштинско значење за многу процеси во езерото, но и надвор од него. Нивните многубројни вариетети во структури се полето на игра од која се раѓаат нови дизајни и цела една нова линија на изразување. Финалната форма е материјализирана со помош на иновативни технологии и техники во изработувањето и е конципирана како нов препознатлив белег на градот Охрид и езерото. стои во текстот за изложбата.

На предавањата, публиката ќе може да се запознае со природната реткост на Охридскиот Регион и да се сретне со двајцата предавачи, секој експерт во својата област. Првото предавање, во соработка со Ангела Тасеска, од Националниот парк „Галичица“ на тема „Биорезерватот на езерото и планината како нераскинлив систем“ и второто во соработка со проф. д-р Златко Левков, на тема „Охридското Езеро и неговите ендемски видови – дијатомеите“. Работилницата со едукативен карактер е наменета за млада публика (возраст 6-14 години). која ќе учи за ендемските видови во Охридското Езеро и за природното богатство на неговиот регион преку тактилно спознавање. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука