Охрид, 8. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од активностите за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, вечерва ќе се одржи премиерата на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперкоски.
Во филмот се раскажува приказната за настанувањето на култната песна „Охрид, Охрид убав мил“, која локалното население ја прифаќа безмалку како химна на градот. Поместени се изјавите на повеќе соговорници кои ги споделуваат сеќавањата на Сотир Димитроски- Ѕингл, еден од основачите на ансамбл „Билјана“ и песната која многумина ја сметаат за народна, но таа има автор и прекрасна приказна за нејзиното создавање.
– Како режисер на овој проект, со задоволство најавувам серијал што ги истражува душевните наративи вградени во македонските народни песни, особено фокусирајќи се на чалгиските и староградските мелодии. Онаму каде што говорот запира, музиката започнува. Ми преставува чест што оваа година, програмата за достојно одбележување на празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот, ќе заврши со проекција на мојот нов филм „Охрид, Охрид убав мил“, вели во мини интервјуто за Супер радио и OhridPress Пиперкоски.
Тој открива дека филмот „Охрид, Охрид, убав Мил“, служи како вовед во серијата „Раскажи песно“, истражувајќи го потеклото и инспирацијата зад иконската химна на Охрид. Оттаму, секоја епизода ќе расплетува нова народна песна, навлегувајќи во обичаите, навиките и обичните случки од минатото на древниот Охрид. Серијата кулминира со рефлексивно финале, истражувајќи го наследството што го оставија овие песни и нивното трајно влијание врз современите генерации.
Премиерата на новото дело на Пиперкоски ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид вечерва, петок, 8-ми декември со почеток во 19:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива