Забава Избор

Полни 65 години по објавувањето, „Rockin’ Around The Christmas Tree“ на Brenda Lee е две недели на врвот на Billboard Hot 100

Охрид, 14. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Втора недела по ред, безвременскиот празничен хит „Rockin’ Around The Christmas Tree“ на Brenda Lee е на врвот на музичката топ листа Billboard Hot 100.

Минатата недела песната влезе во историјата со тоа што го зазеде првото место 65 години по објавувањето во 1958 година, токму за 79-тиот роденден на музичарката. Големата годишнина на омилениот божиќен сингл Brenda го одбележа со спот во кој и’ се придружија кантри ѕвездите Tanya Tucker и Trisha Yearwood.

– Втора недела на врвот на Billboard Hot 100 листата, навистина е надреално. Додека славам со моите фанови и сите кои ме поддржуваа низ годините, посакувам да можам да го споделам успехот со моите соработници, вклучувајќи го и Johnny Marks кој ја напиша песната и брилијантниот продуцент Owen Bradley. Оваа песна дефинитивно се покажа како безвременска и многу сум благодарна што ја одбележа мојата кариера, изјави кантри ѕвездата.

Brenda Lee го започна своето музичко патување на само 12 години, снимајќи песни меѓу кои „Sweet Nothin’s“, „All Alone Am I“, „Break it to Me Gently“ и „I’m Sorry“. Иако имаше успех во различни жанрови, вклучувајќи rokabili, pop и rok, Brenda најдобро се изрази преку кантри музиката. Не само што продаде повеќе од 100 милиони албуми ширум светот, туку во текот на нејзината кариера ја делеше сцената со музичките легенди, вклучувајќи и имиња како Elvis Presley и The Beatles. Brenda Lee е првата жена што е примена и во Рокенрол и во Кантри Куќата на славните, а исто така е добитничка на Grammy награда за животно дело.

Незапирливата музичарка ја одбележа оваа празнична сезона со новото EP издание наречено „A Rockin’ Christmas with Brenda Lee“, кое покрај незаменливата „Rockin’ Around The Christmas Tree“ вклучува и други празнични хитови, меѓу кои и „Santa Claus Is Coming To Тown“, „Jingle Bell Rock“ и други. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука