News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
јануари 9, 2024

Охрид, 9. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1914 година во Охрид е роден Иван Точко, истакнат современ македонски писател и новинар.

Се школувал во Охрид и Битола. Завршил Правен факултет во Белград и Театарска академија во Софија. Бил учесник во НОВ на Македонија. По завршувањето на војната, работел како новинар во „Нова Македонија“ и во Радио Скопје, а покрај тоа, бил уредник на списанието „Македонија“. По донесувањето на Резолуцијата на Информбирото бил уапсен, осуден и испратен на отслужување на затворската казна на Голи Оток.

Точко беше истакнат македонски раскажувач, новинар и драмски писател. Тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на збирките раскази „Бојана“, „Акорди“, „Прстен“, „Раскази“, „Лебедова песна“, „Премиера“, како и на новелите „Вино за душите“ и „Грев“. Последно негово објавено дело е драмата во осум сцени „Плуто“.

Литературната активност ја започнал во 1933 година со неговиот прв расказ „Нашиот поет“. Автор е на шест збирки раскази, три драми и две збирки со прозни минијатури:

– „Бојана“ (раскази, 1953 година)
– „Акорди“ (раскази, 1956 година)
– „Прстен“ (раскази, 1959 година)
– „Раскази“ (1962 година)
– „Вино за душите“ (новелети, 1968 година)
– „Премиера“ (раскази, 1970 година)
– „Грев“ (лирски минијатури, 1971 година)
– „Плуто“ (драма, 197 година)
– „Охридска трилогија“ (три драмски текстови „Под Акропол“, „Робинка“ и „Плуто“, 1974 година)

Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022 година).

Загинал во сообраќајна несреќа во Скопје на 12-ти ноември 1973 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука