Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Во тек е пријавувањето капачи за Водици, покрај од Охрид пријавени се верници и од други градови

Охрид, 15. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Тече пријавувањето на капачите кои во петок, на празникот Водици, ќе го бараат Чесниот крст во водите на Охридското Езеро.

Покрај од Охрид, во парохиските цркви има пријави и од заинтересирани лица и од други градови, меѓу кои и од Струмица, Битола и други места.

Прославата на празникот на 19-ти јануари ќе започне со утринска богослужба од 07:00 часот додека божествената литургија ќе почне во 08:30 часот. Чинот на положување на Чесниот крст во водите на езерото ќе биде во 10:00 часот на Градското пристаниште.

Централната прослава на празникот ќе биде во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско каде ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

По чинот на Богојавленскиот водосвет, на градскиот плоштад ќе се одржи забавна програма за посетителите, а ќе настапи групата Next time.

Во 12:00 часот во месноста Сараиште ќе има групно крштевање, а заинтересираните може да се пријават кај парохискиот свештеник во црквата Св. Никола Геракомија.

На денот на празникот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, во организација на Црвен Крст од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Како дел од подготвителните активности и логистиката на настанот, во четврток на 18-ти јануари охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст.

Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на езерото, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.

Прославата за Водици во Охрид, продолжува на 20-ти јануари за Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна карактеристична за трпезите на овој празник. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука