Забава Избор

Funk Shui со нов видео спот за песната „Никогаш пак“

Скопје, 30. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Одличните Funk Shui ја завршија 2023 година со преку 20 концерти во Европа и на Балканот (Берлин, Виена, Гронинген, Белград, Нови Сад, Загреб), како и издавање на долгоочекуваниот албум „Никогаш Пак“, кој резултираше со два распродадени концерти во Скопје во Младинскиот Културен Центар.

Нумерите на албумот во рекордно време се позиционираа на најрелевантните топ листи, разгорувајќи го медиумскиот интерес на Балканот.

Funk Shui ја започнуваат 2024 година со нов видео спот за песната „Никогаш пак“.

– Спотот е снимен низ локациите кои ги искористивме за осознавање и оформување на сами себе во младоста, кои ги осеќаме како дома, можеби повеќе од сопствените тогашни домови. Обидот е да се долови бруталистичката архитектура, потписот на нашето родно место и симболот на солидарноста и давањето, начинот на кој ние го разбирам и сфаќаме Скопје и нешто схто можеби се третира и во текстуалноста на оваа песничка. Оддаваме почит кон Скопје заедно со Владислав Гавриловски, визуелниот резидент и камерманско/режисерскиот ум на оваа бетонска градина од спот. Песната е балада за превртливата врска помеѓу писателот и Скопје и неколку скопјани. Сите други писателот ги сака и ќе биде тука за нив, како 78-те земји кои беа тука за Скопје по земјотресот во 1963 година, велат од бендот.

Видео записот е на Владислав Гавриловски. Музиката и текстот се на Funk Shui, а аудио продукцијата повторно на Бен Милчев.

Синглот „Никогаш пак“, како и истоимениот албум е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука